Најнов број Насловна
Број 1597    вторник, 24 јули 2001
 
 
 
 
 
 
 
   

Контролниот пункт на терористите од каде беше вратена екипата на "Дневник"

ОНА КОНТРОЛИРА ДЕЛ ОД ТЕТОВО
Терористи ја запреа екипата на "Дневник" во тетовската населба Дреновец
Во Дреновец терористите направиле контролен пункт во еден дуќан, во непосредна близина на улицата, каде што имаше униформирано лице вооружено со автомат

Во Тетово и Тетовско во воздухот се чувствува напната атмосфера и во секој момент може да избие вооружен инцидент. Албанските терористи поставија контролни пунктови и тие се само на "пристојно растојание" од македонските безбедносни сили, но напнатоста се чувствува на секој чекор. Петчлена терористичка група ја запре и новинарската екипа на "Дневник" вчера околу 14.30 часот додека излегуваше од тетовската населба Дреновец, во непосредна близина на градскиот стадион во Тетово. Едно од петте лица го запре возилото на "Дневник" и почна да зборува на албански јазик. До него стоеше уште едно лице, а другите двајца беа од другата страна на возилото. Тие не беа вооружени, а тројца од нив носеа опрема за радиоврска. Истовремено од еден дуќан, лоциран на три метри од улицата, излезе униформирано лице, во маскирна униформа, вооружено со автоматска пушка (М70АБ2 од југословенско производство) и се сврте кон возилото. Дуќанот беше испразнет и преадаптиран во контролен пункт на терористите.

Кога лицето што не запре слушна дека зборуваме на македонски јазик, видно изнервиран, се оддалечи еден метар од возилото и почна на македонски јазик да вика: "Бегај, бегај!". Откако возилото тргна вооруженото лице се врати во дуќанот, каде што се наоѓаше уште еден цивил, по што екипата на "Дневник" ја напушти населбата Дреновец.

Петтемина што го запреа возилото беа млади луѓе на возраст до триесетина години. Кога влегувавме во Дреновец го забележавме истото лице што го запре нашето возило, вооружено со пиштол како излегува од една од куќите на улицата во таа тетовска населба. Веднаш потоа кога се вративме кај стадионот забележавме петмина полицајци како заземаат позиција на градскиот стадион, а раздвижени беа и резервистите што се наоѓаа на полицискиот пункт кај стадионот.

Присуството на терористите го потврди и МВР. Во вчерашното соопштение се вели дека на локалниот пат кон селото Порој и населбата Дреновец вооружени терористички групации со маскирни униформи и ознаки на УЧК дејствувале како параполициски сили, вршејќи прегледи на сообраќајни документации и претреси на возила и упатувале закани за непожелно присуство на безбедносните сили во тетовскиот регион. Во истото соопштение се додава дека во наредните денови се очекуваат провокации на транспарентно истакнување албански знамиња по повод годишнината од немирите во Гостивар. МВР апелира населението да се огради од секакви провокации.

Присуството на терористи во Дреновец е регистрирано и на видеозапис на приватната тетовска телевизија "Коха". На снимките што биле емитувани во петокот вечерта се гледа како четворица терористи, облечени во маскирни униформи вооружени со автоматски пушки, во Дреновец вршат контроли на две возила што минуваа низ населбата. И приватната тетовска телевизија "Кисс" соопшти дека во саботата ноќта на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во реонот на селата Порој, Непроштено и Пршовце се забележани пунктови на терористите. Истата ноќ е забележана и поголема група терористи близу до фабриката "Рофикс", помеѓу селата Џепчиште и Непроштено.

На патот од Тетово до Лешок не забележавме терористички пунктови ниту, пак, униформирани лица. Полицајците од пунктот на патот пред влезот во селото Лешок, со кои разговаравме, рекоа дека последниве два дена биле мирни без вооружени провокации од терористите лоцирани во планинското село Варвара и над Лешочкиот манастир. Шестмина полицајци од резервниот состав на МВР беа револтирани од односот на надлежните безбедносни органи, кои останале глуви на нивните барања за засилување на пунктот. Шестемина што го чуваат патот имаат само лесно вооружување и еден митралез. И покрај нивните барања, надлежните од МРВ не нашле за потребно да испратат уште полиција ниту оклопно возило "хермелин". Ситуацијата во Лешок во последниве два дена е мирна, а селото го бранат неговите жители.

Во Тетово исто така немало оружени провокации во последниве два дена, а ситуацијата е напната зашто граѓаните се вознемирени од присуството на терористите во населбата Дреновец. Во градот, и покрај примирјето, продолжуваат рестрикциите на вода за пиење, а бидејќи е расипан предавателот на Попова Шапка, тетовци не можат да ги гледаат телевизиските канали на МТВ и на Сител. Поради безбедносни мерки, раководството на тетовски "Жито-полог" вчера одлучило да не го пушти возилото за транспорт на леб да дистрибуира во приградските населби каде што се забележани терористи. И ХЕК "Југохром" има проблеми во работата откако во четвртокот група терористи ги запоседнале резервоарите за индустриска вода на комбинатот, во близина на селото Пршовце. При заземањето на резервоарите, терористите ги заробиле двајцата чувари, а наредниот ден ги ослободиле.


Никола Стојанов


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани